
Театар📅 Објавено: 2026-11-04
АМАТЕРСКИОТ ТЕАТАР ПРИ НУЦК „АЦО ЃОРЧЕВ“ НЕГОТИНО ПОДГОТВУВА НОВА ПРЕТСТАВА – „НЕГОТИНСКИ МАЈТАПИ“!
Почитувани,
Со особено задоволство ве информираме дека во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ – Неготино, паралелно со подготовките на театарската претстава „Чорбаџи Теодос“, која е одобрена и поддржана од Министерството за култура, Аматерскиот театар при Центарот неуморно работи и на уште еден нов театарски проект – урнебесната комедија „Неготински мајтапи“!
Претставата е во режија на Златко Цветковски, а во актерската екипа повторно ќе ги видиме актерите од минатогодишната претстава „Што виде Батлерот“ , збогатени со нови, млади и талентирани лица кои допрва ќе имаат можност да го покажат својот потенцијал на штиците што живот значат.
Особено интересен е податокот дека претставата се подготвува според авторски текст на Златко Цветковски, со кој пред 24 години, на Фестивалот на аматерскиот и алтернативниот театар (ФААТ) во Кочани, беше освоена наградата за најдобра машка улога, која му припадна на Влатко Арсов.
Со овој проект, Аматерскиот театар продолжува да ја негува театарската традиција во Неготино, да создава нови актерски имиња и да отвора простор за младите луѓе да се изразат преку театарската уметност.
Неготино добива уште една комедија, уште една приказна и уште една причина да се смее!
Следете нè за повеќе информации за премиерата!






